Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека државата ќе мора да ги покрие долговите за електрична енергија на оние клучни институции кои имале објективни причини за такво нешто, но не и на оние институции кај кои не постојат вакви причини. Оние институции кај кои не постојат објективни причини за неплаќањето на сметките, најави ќе ги повика на одговорност.
– Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја што е недомаќинско однесување на дел од раководителите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори на пример здравствените институции беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона кризата. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
За овој проблем најави дека денеска ќе има состанок во Министерството за економија.
Во однос на ставањето во функција на сите енергетски капацитети во државата, Ковачевски информираше дека почнуваат монтажните активности на Блок 3 во РЕК Битола затоа што дел од опремата е пристигнат и оти комерцијалниот директор на ЕСМ денеска е во Турција со цел да го доорганизира транспортот на трансформаторот. Многу скоро очекува да биде ставен во мрежа и ТЕЦ Неготино.
Прашан за дојавите за бомби за кои денеска има случаи и во Кавадарци, премиерот посочи дека се работи за хибридни закани кои зачестиле по руската агресија на Украина. Нагласи дека ваквите лажни дојави за бомби не се случуваат само кај нас, туку и во други држави членки на НАТО и оти целта е да се креира паника.
– Не е толку едноставно да се идентификуваат сторителите. Има индиции и доколку има финални резултати и ако сторителите се наоѓаат во државата, секако дека ќе бидат изведени пред лицето на правадата, рече Ковачевски