Сите деца родени на територијата на Македонија кои се напуштени, или пак нивните биолошки родители не знаат точно кој ден и месец ги родиле, ќе добијат роденден на 1 јануари. Така овие деца, претежно Роми на улица, ќе добијат за првпат и матичен број, објави Сакам да кажам.
Новиот Закон за матична евиденција, донесен во брза постапка во Собранието минатата недела, натаму вели дека ако и годината на раѓање на тие деца не се знае, тогаш сведоци на породувањето под полна материјална и кривична одговорност, ќе кажат пред МВР и пред Министерството за правда за годината, а по можност и за точниот датум на раѓање.
Ако за таквите деца нема ни сведоштво, тогаш медицинско лице ќе ја утврдува возраста, предвидува дополнувањето на Законот. Опфатени се сите опции само овие деца за првпат да добијат матични броеви.
Член 9 од Законот вели: „Ако во постапката за упис од членот 7 од овој закон од доставените и прибраните докази и известувања не може да се утврди денот, месецот и годината на раѓање, како и местото на раѓање на детето/лицето од членот 7 став 1 од овој закон, Управата може да побара изјава заверена на нотар под морална, материјална и кривична одговрност од еден од родителите и најмалку двајца полнолетни сведоци во времето на раѓањето на детето, државјани на Република Северна Македонија, како и медицинска потврда за утврдување на возраст. Ако е позната само годината на раѓање, а денот и месецот на раѓање не може да се утврдат на поинаков начин, како ден и месец на раѓање на детето се запишува првиот ден од првиот месец во годината. Управата ги запознава лицата од ставот 1 на овој член за последиците и одговорноста за дадената изјава“.
Најголемата новина е додадениот член 4-а, и гласи:
„Секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители“.
Пратениците од власта кои ги напишаа овие измени, велат дека ова не се однесува на децата од странство кои се раѓаат во нашите болници, или на пример во авион над македонското небо, бидејќи тие си имаат родители со матични броеви и со државјанство во други држави. Тие бебиња на пациенти или на затекнати туристи од странство, само се евидентираат дека се родиле на наша територија и толку. Извод на родени, не им следува.
Впрочем тоа јасно го кажува Член 8 ставот 1:
„Дете чии родители се непознати или се со непознато државјанство или се без државјанство, се запишува во матичната книга на родените во местото каде што е родено односно најдено детето“.
На лицата кои што се пријавиле на јавниот повик и се запишани во Евиденција на неевидентирани лица, кои се околу 700 на број, сите Роми, по дополнителните проверки, уписот ќе им се изврши најдоцна до 31 декември 2023 година.
Уписот од ставот 1 на овој член по дополнителните проверки, се врши на следниов начин:
1) за пријава доставена од здравствена установа до Управата, за раѓање на дете за кое родителите не поднеле барање за упис по истекот на рокот од 45 дена од денот на раѓањето, Управата без одлагање го известува надлежниот центар за социјална работа по службена должност да го заврши уписот;
2) за пријава на лице од здравствена установа доставена до Управата, за кое не е поднесено барање за упис, Управата по службена должност без одлагање ќе го заврши уписот;
3) за дете/лице кое не е родено во здравствена установа, пријавата за раѓањето на детето/лицето ја доставува здравствен работник кој присуствувал за време на раѓањето или може да го потврди раѓањето, еден или двајцата родители или друго лице кое било присутно на раѓањето или дознало за раѓањето во случаи кога претходните лица не се во можност да го пријават раѓањето или
4) за дете/лице за кое потребните податоци и фактите што се запишуваат во матичната книга на родените не може да се утврдат, уписот може да се изврши со доставување на педијатриска/медицинска потврда за возраста на детето/лицето, картон за вакцинација, изјава под морална, материјална и кривична одговрност од двајца сведоци заверена на нотар или друг надлежен орган, како и приложување на сите исправи со кои располага пријавувачот, а кои се погодни за утврдување на фактите кои што се запишуваат во матичната книга на родени.
Управата по службена должност може да побара дополнителни докази и известувања од други органи на државната управа неопходни за утврдување на фактичката состојба.
Многу од децата без извод и матичен број меѓу овие 700 избројани, немаат ни пријавено лично име во системот. Со изгласаните измени, пријавувањето на личното име на детето за запишување во матичната книга на родените, се врши во рок од 30 дена од денот на неговото раѓање.
Личното име на детето му го одредуваат родителите спогодбено. Ако родителите не му одредат лично име на детето во законскиот рок, личното име на детето му го одредува старател поставен од надлежниот центар за социјална работа.