Неуспешни се преговорите за покачување на платите на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), а штрајкот продолжува. Тие посочуваат дека веќе е неизводливо да се реализираат државните матури во согласност со датумите, а тоа ќе значи пролонгирање и на времето во кое ќе се објават и резултатите. Емилија Бошковска, претседател на Синдикалната организација при ДИЦ, посочува дека пролонгирањето нема да биде подолго, објави Макфакс.

„Имавме два неуспешни состанока. Последниот беше со министерот за образование, во присуство на лице од Министерството за финансии. На тој состанок не добивме ништо ново. Предлогот на Министерството за финансии е покачување од речиси 1.000 денари и дека тоа се нивните црвени линии. Некои 300.000 денари од нашиот буџет се резервирани за платите на функционерите. Од таа причина, бидејќи истекоа роковите, пресметките се дека веќе е невозможно да се постигнат датумите од календарот за државна матура. 27 мај е воопшто неизводлив. Бараме промена на датумите за државна матура. Тоа значи и пролонгирање на резултатите. Бараме министерот да види кои се опциите за државна матура“, вели Бошковска.

Таа посочува дека има вработени што продолжиле со извршување на своите задачи наместо да штрајкуваат, но поголемиот дел и натаму не работи сè до покачување на платите.

„Се надевам дека ова пролонгирање нема да биде подолго. Има несогласувања, но сè уште сме здружени. Повеќето од вработените сè уште се во штрајк. Спремни сме да работиме деноноќно за да ги реализираме активностите за државна матура, но во прашање се веќе минути, а не денови. До петокот, ако прекинеше штрајкот, беше возможно да се реализира. Ако државата смета дека не сме важни, зошто ние да се жртвуваме и да работиме по 20 часа“, додава таа.

Штрајкот на Државниот испитен центар влегува во трета недела. Тие на 24 април известија дека почнуваат штрајк оти 11 од вкупно 29 вработени, кои се на разни позиции, се изедначени и земат минимална плата од 20.000 денари. Синдикалната организација на Државниот испитен центар најави дека ќе штрајкуваат сè додека не добијат согласност од Министерството за финансии за покачување на платите.