32 вработени од „Комунална хигиена“ треба да се вратат на работа оти се незаконски избркани, утврди Државниот инспекторат за труд. Директорката Мазнева прекршила два закона кога направи список со отпуштени и ги нарече мафијаши, пренесува Сител.
При вршење на инспекцискиот наздор, се утврди дека работодавачот одлуките кои ги донел се спротивни на одредбите од Законот за работните односи, одредбите од Законот за јавните претпријатија, одредбите од Колективниот договор за комунални дејности на РМ и одредбите од Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите од работниот однос на работниците во ЈП Комунална хигиена. Во врска со утврдената фактичка состојба, на работодавачот согласно член 258 од Законот за работните односи му е изречена инспекциска мерка опомена да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи наведените одлуки и за постапувањето да го извести инспекторот“, велат од ДИТ.
Управниот одбор на претпријатието од утринава ги разгледува документите. Синдикатите очекуваат позитивен исход.
„Почитувајќи ги сите позитивни законски прописи во Република Македонија, Управниот одбор не може да донесе никаква поинаква одлука освен да ги врати вработените во „Комунална хигиена“ на своите работни места“ – Столе Кашиковски, СУТКОЗ
Ќе се бара решение и за останатите вработени кои на огласна табла дознаа дека се избркани, а биле со договори на определено време.
„Останатите се вработени коишто беа ангажирани преку агенција за привремени вработувања и на истите не им е продолжен договорот за вработување. За нив, понатаму ќе си водиме друга постапка со оглед на тоа што образложението на Државниот инспекторат за труд посочува дека согласно член 186 можат да си поведат соодветна постапка за остварување на своите права“ – Столе Кашиковски, СУТКОЗ
Од Комунална беа избркани десетици вработени, по што нивните колеги протестираа и не го собираа ѓубрето во Скопје. За дел од избрканите Арсовска рече дека се трајно иселени во Германија, а земаат плата и потенцираше дека се пријавени во МВР и обвинителство. И двете институции потоа кажаа дека таква пријава не е пристигната.