Финансиска и менторска поддршка за самовработување
Државата нуди поддршка за младите, невработените и лицата со попреченост за отворање нови бизниси. Објавен е нов јавен повик од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој нуди две нови мерки за сите невработени граѓани што сакаат да започнат сопствен бизнис. Како што соопшти министерот за економија Бесар Дурмиши, повикот нуди значајна финансиска поддршка – до 430.500 денари (околу 7.000 евра) за лица постари од 29 години, и до 615.000 денари (10.000 евра) за млади до 29 години.
Покрај основните грантови, предвидена е и дополнителна поддршка од 250.000 денари за лица со попреченост, со цел да се овозможи еднаков пристап и услови за сите.
„Нашата цел е јасна – да поддржиме што повеќе граѓани кои сакаат да градат нешто свое на одржлив и легален начин. Ова не е само финансиска помош, туку и директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и развојот на економијата. Ова не е само ветување, туку создавање реални можности за вработување и развој“, изјави министерот Дурмиши.
Право на учество и исклучоци
Рокот за аплицирање е до 20 јуни, а право на учество имаат сите невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување, како и:
рурални жени,
корисници на гарантирана минимална помош,
лица со попреченост,
жени жртви на семејно насилство,
повратници од странство,
и граѓани кои сакаат да ја формализираат својата дејност.
Мерките вклучуваат целосна поддршка – обука за претприемништво, изработка на бизнис план и шестмесечно менторство.
Во јавниот повик се исклучени одредени дејности, како дел од земјоделството, такси превозот, игрите на среќа, осигурувањето и посредувањето при вработување. Но, за рурални жени и лица со попреченост се дозволени одредени исклучоци согласно регулативата.
Извор: Плусинфо