Во просториите на Министерството за транспорт денеска се одржа стручна јавна расправа за предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање, соопшти ресорното министерство.
Според надлежните, измените имаат за цел да ги поттикнат инвестициите и да обезбедат побрзи и поефикасни постапки за урбанизација на просторот, што би придонело за отворање нови работни места и забрзан економски развој.
Клучна новина е тоа што постапките за урбанизација за изградба на супермаркети и хипермаркети со површина над 5.000 квадратни метри ќе се водат преку Министерството за транспорт, наместо на локално ниво. Од Министерството посочуваат дека ваквиот чекор доаѓа поради забавената динамика на постапките во општините, со цел да им се помогне на инвеститорите за побрза реализација на проектите.
Дополнително, со измените се предвидува намалување на административните процедури кои досега влијаеле на забавување на инвестициите. Од Министерството оценуваат дека ова ќе придонесе за зголемена конкуренција на пазарот и ублажување на инфлаторните притисоци, особено во секторот на снабдување со храна.
„Забрзаните постапки не се само административни измени, туку мерка која ќе обезбеди посилна конкуренција и подинамичен развој“, наведуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека организирањето на јавната расправа е дел од напорите за поголема транспарентност и вклучување на стручната јавност во креирањето на регулативата.
Министерството за транспорт најавува дека и во иднина ќе остане фокусирано на политики кои имаат за цел побрз економски развој и подобрување на условите за живот на граѓаните.
