Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека државата ја презема целокупната грижа и логистика за пациентите повредени во пожарот во Кочани, кои се лекуваат во странство или во Скопје. Според него, враќањето на повредените пациенти од странство ќе започне во текот на наредната недела, и тоа за оние кои се во доволно стабилна здравствена состојба.

116 пациенти во странство, трошоците за лекување и сместување целосно покриени

Во моментов, 116 пациенти со тешки повреди се хоспитализирани во 14 европски држави, од кои 38 се транспортирани преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, а останатите со директна билатерална помош. Лекувањето им е обезбедено од земјите-домаќини, додека трошоците за транспорт, сместување и дневни потреби на семејствата ги покрива Владата.

„Однапред ние резервираме хотел, купуваме авионски карти, известуваме дека ние ги покриваме сите трошоци – од телефонски сметки до дневници за тековни потреби. Скоро сите граѓани се во директна комуникација со нашите амбасади. Тие обезбедуваат логистичка поддршка, превод и комуникација со болниците. Иако не е лошо што граѓаните сакаат да помогнат, мора да знаат дека државата е ангажирана да покрие апсолутно секој трошок,“ изјави Муцунски.

Враќањето на повредените пациенти од странство – координирано и во фази

Најавено е дека враќањето на повредените пациенти од странство ќе се реализира по јасен план, со здравствена проценка и подготвена инфраструктура. За таа цел, во Министерството за надворешни работи денеска се одржува координативен состанок за понатамошните чекори.

„Според најавите што ги добиваме преку дипломатските канали, првите пациенти кои ќе бидат во добра здравствена состојба ќе се вратат во текот на следната недела. Станува збор за внимателно организиран процес во кој се вклучени сите надлежни институции,“ рече Муцунски.

Владината логистика вклучува и поддршка на семејствата и 24-часовна комуникација со ДКП-а

Министерот информираше дека дипломатско-конзуларните претставништва се во континуирана комуникација со семејствата на хоспитализираните. Обезбедени се сместувања, превоз, логистика и поддршка на лице место.

„Нашите дипломатски канали работат без прекин. На располагање сме 24 часа преку амбасадите, дежурните телефони на Министерството и СОЗР. Обезбедуваме сè што е потребно, без исклучок,“ додаде Муцунски.

Муцунски: Благодарност до земјите домаќини и до македонскиот медицински кадар

На прес-конференцијата, министерот упати посебна благодарност до сите држави кои ги примиле нашите повредени граѓани. Истакна дека е горд на македонскиот медицински персонал и на пожртвуваноста што ја покажуваат.

„Сите поминуваме низ исклучително тежок период, под голем психолошки притисок. Виен, Белград, Солун, Загреб, Софија, Љубљана, наскоро и Будимпешта – лично се сретнав со пациенти, нивните семејства и здравствените тимови. На сите им се заблагодарив за солидарноста и хуманоста што ја покажаа,“ изјави Муцунски.

Пациентите се распоредени во 14 држави – најмногу во Србија

Од 116 хоспитализирани пациенти:

  • 31 се во Србија

  • 15 во Бугарија

  • по 12 во Грција и Турција

  • 7 во Шпанија

  • по 6 во Австрија и Унгарија

  • 5 во Хрватска

  • по 4 во Белгија, Италија, Шведска, Литванија и Словенија

  • 2 во Полска

Дополнително, Чешка и Израел испратија медицински тимови, додека Романија, Луксембург, Норвешка и Финска обезбедија логистичка поддршка за транспортот.