Демократскиот сојуз инсистира на темелни реформи во судскиот систем. Од партијата велат дека СДСМ и ДУИ ги кочат реформите, а главна цел им е преку целосна партизација да имаат контрола над Судскиот совет и судиите во целина.
Од партијата како итна реформа предлагаат да се направи ревизија над работата на секој судија и членовите на Судскиот совет – професионалниот однос спрема работата, коруптивноста, поврзаноста со политичките партии, имотната состојба и други елементи клучни за извршување на функцијата.
-Второ, Собранието по сеопфатна расправа да донесе заклучоци членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, во спротивно да донесе законски измени со кои на сите членови на Судскиот совет ќе им престане мандатот и спроведе постапка за избор на нови членови врз основа на цврсти критериуми и транспарентна постапка. Трето, да се направат измени на Уставот со кој ќе се брише амандманот за судијата да не одговара кривично за донесена одлука, се наведува во соопштението.
Како четврто, предлагаат донесување на Предлог-закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка. Со ова, како што посочуваат, ќе се создадат законски услови за обнова на монтираните политички – судски процеси.
-Преку повторување на постапката ќе се види улогата на секој судија, обвинител, припадник на МВР и моќниците од политичкиот врв. Тоа ќе биде сериозна основа за поширока кадровска обнова. Корумпирани судии и обвинители, како и без интегритет, подложни на влијанија од партиите или други центри на моќ, треба да понесат одговорност, велат од Демократски сојуз.
Тие посочуваат дека Предлог-законот за преиспитување на факти и докази веќе три години е блокиран од СДСМ и ДУИ во Собранието.
-Демократскиот сојуз предлага Министерството за правда, во најкус рок, да подготви законски решенија за реформи во правосудниот систем во целина, додаваат од партијата.