Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши вонредни инспекциски надзори во врска со починатото дете Н.А. од село Пеширово, Општина Свети Николе. Инспекцискиот надзор за смртта на деветгодишното дете е извршен почнувајќи од матичниот лекар во Свети Николе, потоа во Клиничка болница-Штип и во Клиниката за детски болести во Скопје, каде што и почина. Според инспекцискиот надзор, нема констатирано недостатоци трите институции. Инспекторите по надзорот утврдиле дека деветгодишното дете Н.А. со матичен доктор било прикрепено во ПЗУ Д-р Оливер, Свети Николе. Во ординацијата годинава прв пат се јавува на 14.01.2025 година заради болки во стомакот и повраќање, кашлање, висока температура (39 степени) и неспиење претдходниот ден.
-При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип, се вели во соопштението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Според извешатјот на ДСЗИ, во штипската Клиничка болница детето е донесено со такси возило, примено е попладнето околу 18 часот, прегледано е од дежурниот доктор при што е поставена дијагноза сомноленција.
МИА и претходно информираше дека во Клиничка болница-Штип, повторно му се извршени лабораториски испитувања и дополнително КТМ на глава. Заради општата лоша здравствена состојба како и наодите од лабораториските испитувања и КТМ, детето во придружба на медицинска екипа (доктор, сестра) со болничко возило транспортирано е во Клиниката за детски болести во Скопје.
– Во ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести-Скопје , детето Н.А. е донесено на 14.01.2025 година во 20:25 часот како итен случај со дијагноза сомноленција по претходна најава и договор за прием со дежурен доктор од Одделот за неврологија на Клиниката. На прием детето е во општа тешка состојба поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часа има дополнително влошување со респираторен и кардиак аррест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23.30 часот настапува егзитус, се вели во извешатјот на ДСЗИ.
Од извршените вонредни инспекциски надзори во наведените здравствени установи каде починатото деветгодишно дете било лекувано, Државниот санитарен и здравствен инспекторат согласно своите надлежности не констатираше недостатоци.