– Во врска со трагичниот настан што се случи на 8 септември, ДСЗИ не може да утврди фактичка состојба после изминати два дена од настанот. Понатаму, не постои налог од Министерството за здравство за вршење надзор и последно, но и најважно, во фаза на водење истрага од Јавното обвинителство, ниту министерот, ниту било кој друг орган не може да му наложи на ДСЗИ да спроведува надзор над субјект кој е предмет на кривично-правна истрага. ДСЗИ ќе постапи и ќе ги стави на располагање сите свои стручни капацитети само врз основа на налог од ЈО. Секоја друга активност и постапување на ДСЗИ не е дозволена согласно законот за кривична постапка и ќе претставува попречување на истрагата која веќе ја водат надлежните органи. Секоја стручна контрола или анализа доколку биде побарана од ЈО или судот, ДСЗИ ќе ја изврши и достави во најкус можен рок користејќи го професионалното знаење и искуство на своите инспектори и административни служби, велат оттаму за Слободен печат.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на вчерашната прес конференција најави дека ДСЗИ уште денеска ќе почне да прави анализа како и колку придружници биле во ковид-болницата во Тетово.
– Најпрвин ќе направиме анализа, која ќе почне од утре од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Засега знаеме дека биле двајца во посета. Посетите за ковид-пациенти начелно се забранети насекаде, но добив информација дека со сертификати за вакцинација роднините биле пуштани да ги посетат пациентите, а не да ги чуваат. Тоа е нешто што е традиционална глетка во нашите болници и од лично искуство знам дека тоа е тешко да се менаџира, посочи министерот.