Обвинувања за етничка нерамноправност во МВР
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) повторно излезе со критика кон државните институции, овојпат реагирајќи на јавно изнесените ставови на Независниот полициски синдикат. Според партијата, изјавите на синдикатот недвосмислено потврдуваат дека Албанците во полицијата се систематски дискриминирани и дека со години се спречени да напредуваат во службената хиерархија.
„Според претставници на Синдикатот, и покрај тоа што многу албански службеници имаат над 20 години работно искуство и ги исполнуваат сите професионални услови, тие не уживаат право на унапредување“, порачаа од ДУИ.
Тие посочуваат дека дури и во општини со албанско мнозинство, раководните позиции се поделени половично. Во области каде Албанците се малцинство – тие речиси и не се застапени во раководните структури на МВР. Партијата смета дека ова директно го прекршува принципот на правична и соодветна застапеност.
Апел до институциите: „Владата дејствува на етничка основа“
ДУИ оценува дека зад оваа состојба стои свесна политика на сегашната влада.
„Ова е јасен пример за прекршување на принципот на правична и соодветна застапеност и дополнителен доказ дека оваа влада дејствува на етничка основа, спротивно на Уставот, Охридскиот договор и европските стандарди за еднаквост и инклузивност“, се наведува во нивното соопштение.
Од партијата велат дека ваквото постапување не само што ги демотивира албанските кадри во полицијата, туку и ја урива довербата на албанската заедница во државните институции.
ДУИ упати и директен повик до надлежните тела:
„Ги повикуваме сите надлежни институции итно да ги истражат овие дискриминаторски практики и да преземат конкретни мерки за обезбедување еднаквост во унапредувањата, вработувањата и одлучувањето во рамките на Министерството за внатрешни работи и пошироко“, порачаа од партијата.