Централното претседателство на партијата во Мала Речица – ДУИ ги објави првите кандидати за неколку општини, најавен е и втор бран со имиња, меѓу кои и кандидатот за Скопје
ДУИ денеска ги објави првите кандидати за градоначалници за локалните избори.
Централното претседателство на партијата заседаваше во Мала Речица. И едногласно ги потврди неколку предлози за кандидати за градоначалници, како и носители на листи за општински совети.
Меѓу кандидатите е и актуелниот градоначалник на Кичево – Фатмир Дехари, кој ќе се бори за уште еден мандат.
Потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, истакна дека следува нов бран на кандидати. Во него, според најавите, ќе биде објавено и името на кандидатот за Град Скопје.
– Можам да кажам едногласно дека Централното претседателство потврди неколку предлози и тоа: кандидат за градоначалник во Општина Кичево ќе биде господинот Фатмир Дехари, кандидат за Липково ќе биде Еркан Арифи, кандидат за Чашка ќе биде Суат Шаќири. Исто така, Централното претседателство одлучи да го поддржи независниот кандидат за Брвеница – Енвер Пајазити – изјави Арбр Адеми од ДУИ.
Во меѓувреме, коалицискиот партнер Вреди веќе го дефинираше наследникот на Изет Меџити на позицијата вицепремиер, во случај тој да ја добие градоначалничката трка против Бујар Османи во Чаир.
Новиот прв вицепремиер ќе биде Беким Сали, кој доаѓа од Алтернатива. Тој претходно беше министер за здравство во владата предводена од СДСМ.
Изет Меџити изјави дека во рамки на коалицијата постои согласност оти Сали е подготвен, компетентен и има доволно искуство да ја извршува функцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски исто така се огласи по ова прашање. Тој изјави дека и Меџити и Фатмир Љуимани ќе продолжат да ги извршуваат своите актуелни должности додека трае предизборната трка.
Извор: Канал5