Поразот на терен – пораз во идејата
„Дебаклот беше јасен како ден. Сите го видоа, сите знаат дека ДУИ е избришана од политичката карта. Само оние што ја уништија, денес се прават дека не разбираат“, се наведува во соопштението на ВРЕДИ, објавено од МИА.
Од партијата велат дека поранешните функционери на ДУИ измислуваат имагинарни непријатели и постојано бараат виновници, но никогаш не ја гледаат вината во себе.
„Две децении ја хранеа власта со лаги и страв, а денес, кога народот им ја затвори вратата, немаат ни минимално достоинство да молчат. ДУИ не падна случајно, туку беше соборена од ароганцијата, измамата и кражбата што ја претворија во партиска култура,“ стои понатаму во реакцијата.
„Реформи“ без суштина
Од ВРЕДИ истакнуваат дека наместо вистинска анализа на поразот, раководството на ДУИ продолжува со старата пропаганда.
„Блерим Беџети повторно се појавува на сцената човекот кој симболизира сè што Албанците го отфрлија: ароганција, неморал и навреда на интелигенцијата на граѓаните,“ велат од партијата, додавајќи дека со секое јавно појавување, ДУИ само го потврдува својот неуспех и ја продлабочува недовербата кај народот.
Во продолжение, се наведува дека најавите за „реформа“ во ДУИ се сведуваат на козметички промени без суштински поместувања.
„Сега дури се двоумат да го употребат зборот ‘реформа’ и го заменуваат со фразата ‘да им се даде простор на новите генерации’. Но, како го започнуваат ова? Со тоа што објавуваат дека Блерим Беџети повеќе нема да биде координатор на пратеничката група! Ако за нив промената започнува и завршува со тоа, тогаш ДУИ го запечати својот политички крај,“ се заклучува во соопштението на ВРЕДИ.
