Владејачката Демократска унија за интеграција го одби повикот од Алтернатива за обединување на партиите на Албанците околу идно барање за формирање на „заедница на албански општини“ по примерот на барањето на Србите во Косово за формирање на заедница на српски општини. ДУИ смета дека станува збор за несериозно барање на Алтернатива зад кое се крие обид за опстанок на политичката сцена.
„Патетично, антиамериканско и антиевропско барање кое оди на штета на конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивно распоредување”, соопштија кусо од ДУИ.
За разлика од централниот став на ДУИ, „огненаа група“ на интегративците, преку изјава на неформалниот лидер, воедно и потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, повикот на Алтернатива го смета за добар.
Тоа е во духот на децентрализација на локалната самоуправа, рече Меџити и додаде дека ако можат Србите да добијат заедница со 4 процентна застапеност на Косово, зошто не би можеле Албанците во Македонија со застапеност од, според него, 30 проценти.
Меџити и „огнената група“ во последно време дејствуват како опозиција, бараат разрешување на високиот функционер Артан Груби, а во парламентот најавија дека ќе гласаат против изборот на нови министри од редот на Алијанса за Албанците.