И јас ја гледав видео – снимката од тоа што се случило. Ние како политичка партија секако дека ги осудуваме таквите настани, секако тоа што се случило е за осуда. Сепак, мене ми е мило од тоа што го слушнав во разговор со Бислимовски дека тие (Џафери и неговата придружба, н.з.) се извиниле за тоа што го направиле. Ќе повторам, тоа е за осуда, но не верувам дека вакви настани можат да имаат влијание врз енергетскиот систем или евентуално врз загрозување на неговата стабилност“, рече Бектеши.

Тој нагласи дека не сака подлабоко да навлегува во тврдењата во јавноста за причините кои довеле до инцидентот, бидејќи, нагласи, Регулаторната комисија за енергетика е независно тело кое одлучува за тоа кој ќе има лиценца за снабдување со енергија.

Министерството за економија или Владата не одлучуваат во делот на исполнување на условите, тоа е во целосна надлежност на РКЕ, а нивните членови се гласаат во Собранието, рече Бектеши.

Како што можеше целата јавност да види од видео – снимката направена завчера вечерта пред кафеана во населбата Дебар маало во Скопје, Аријанит Џафери го влече и удира претседателот на РКЕ Марко Бислимовски. Причините за нападот и претходната расправија биле во тоа што 28-годишниот Џафери, сопственик на компанијата „У-Пауер“ е незадоволен затоа што Регулаторната комисија за енергетика започнала постапка кон таа компанија за евентуално одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија поради трошење на државни резерви на струја што може да води кон нарушување на стабилноста на енергетскиот систем.

Од Комисијата вчера информираа дека Бислимовски е добро, инцидентот бил пријавен во МВР, а во полиција Аријанит Џафери го признал тоа што можеше да се види од снимката. Против Џафери е поднесена кривична пријава за насилство.