Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ доколку се одржат предвремени парламентарни избори

Анкетите предвидуваат убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ доколку се одржат предвремени парламентарни избори, со 62 до 63 сигурни пратеници, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека иницијативата за избори доаѓа од ДУИ со цел собирање клиентелистички гласови, обвинувајќи ги дека ги манипулираат своите гласачи со лажни тврдења за можни коалиции. Мицкоски вели дека ДУИ го лаже своето членство дека ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски нагласи дека дводецениското владеење на ДУИ предизвикало масовно иселување на Албанците и институционална нестабилност, а сојузот со СДСМ ја довел државата до апатија и банкрот.

ДУИ ја префрла вината за евроинтеграциите

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека Владата нема намера да спроведе уставни измени за деблокада на евроинтеграциите, префрлајќи ја вината на коалицијата ВРЕДИ. Според интегративците, нивните партнери во Владата пред изборите имале различни ставови за ова прашање.

Меџити: Владата е стабилна, нема потреба од избори

Вицепремиерот Изет Меџити одговори дека ДУИ нема морално право да критикува, бидејќи за време на нивното владеење не направиле ништо во правец на европските интеграции. Тој потенцираше дека Владата е на почетокот на мандатот и работи на реализација на проектите, а предвремените избори би биле непотребен трошок за граѓаните.

Меџити најави дека владината коалиција останува фокусирана на европската интеграција како врвен приоритет. Во меѓувреме, партиите се подготвуваат за локалните избори на 19 октомври, на кои ќе учествуваат рекордни 312 листи за градоначалници и 575 листи за советници.