Пратеникот Александар Велјановски денеска на прес-конференција остро го осуди поранешниот министер за економија Крешник Бектеши за изјавата дадена при промоција на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи, која, според него, претставува директен удар врз меѓуетничките односи во земјата.

– Секогаш кога ДУИ губи или кога граѓаните ги препознаваат нивните коруптивни намери, тие прибегнуваат кон потпалување на меѓуетничките односи и загрозување на соживотот, рече Велјановски.

Тој посочи дека ДУИ нема аргументи и политики, туку единствената нивна политика е деструктивност и уништување на соживотот. Велјановски истакна дека Бектеши, без никаква одговорност, велича оружје и ја оправдува војната од 2001 година, претставувајќи ја како политички капитал, што според него е „скандал од невидени размери и класичен говор на омраза“.

– Македонците се столбот на Тетово и со својот единствен, сплотен глас ќе одлучат за иднината на градот. Ја повикуваме СДС веднаш да ја осуди оваа изјава и да се огради од својот коалициски партнер. Секое нивно молчење значи соучесништво, додаде Велјановски.

Пратеникот нагласи дека политичарите не треба да градат кампањи врз закани, омраза и величање оружје, и порача дека обврската на сите е да се изгради Македонија како силна, праведна и европска држава, земја на мир и стабилност.

– Народот очекува јасна позиција, а ние ќе продолжиме да ја браниме Македонија од оние што сакаат да ја претворат во заложник на криминални и етнички поделби, заклучи Велјановски.