ДУИ повторно се ребрендира – Европскиот фронт со ново име и лого

Европскиот фронт, кој ќе настапи на локалните избори на 19 октомври, влегува во процес на ребрендирање и ќе се претстави под новото име „Национална алијанса за интеграција (НАИ)“.

Ахмети со порака зошто ДУИ се ребрендира

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку објава на Фејсбук ја соопшти промената. Порача дека целта е обединување и заедничка европска перспектива.

„Живееме во тешки времиња и ние Албанците сè помалку сме почитувани од актуелната власт која нема албански етнички легитимитет. Но, иако времињата се тешки, никогаш не ја забораваме европската дестинација до која сакаме да стигнеме. Денес е потребно единство, прво меѓу сите Албанци, а потоа и меѓу сите што веруваат во подобра иднина за нашите деца“, нагласи Ахмети.

Тој додаде дека обединувањето е „порака на завет, победа, вера и европска интеграција“.

Одлив на партнери од коалицијата

Паралелно со најавите за ребрендирање, Европскиот фронт го напуштија две партии. Демократската партија на Турците ќе настапи самостојно на изборите, додека Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи воопшто нема да учествува со свои листи за градоначалници и советници.

Извор: Вечер