Крими ортаците ДУИ и СДСМ одлично функционираат како на централно така и на локално ниво. Пример за функционирањето на криминалната коалиција наречена ДУИ- СДСМ е општината Струга кај што главниот шериф е Рамиз Мерко, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека Мерко го продал земјиштето и објектот на јавното водоводно претпријатие во Струга и сега со години плаќа астрономски кирии во приватен објект.

– За деловните простории во сопственост на лица блиски до Рамиз Мерко, во кои сега е сместено јавното претпријатие, се плаќа месечна кирија над 3.000 евра. Според информациите на јавноста оваа кирија е повисока за 5 до 10 пати од киријата која ја плаќаат други приватни компании кои се сместени во други локали во истиот објект. Да биде корупциската приказна целосна, тука е СДСМ, ортакот на ДУИ во криминалите. Јавното претпријатие за паркинг услуги во Струга, Еко Струга, раководено од кадар на СДСМ, исто така е сместено во истиот објект, но во друг локал, и тие плаќаат над 2000 евра месечна кирија. Веројатно и овој локал е во сопственост на луѓе блиско до власта. Закупнината која ја плаќаат двете јавни претпријатија, која измесува над 5000 евра месечно, со полномоштво се исплаќаат на кај трети лица, а не кај сопствениците на локалите. Ова дополнително создава сомнежи за криминал, кој мора да биде истражен, и доколку се потврди да се санкционира, се посочува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека ова е типичен пример дека ДУИ ги осиромашува граѓаните, вклучително и Албанците, и нивните пари нетранспарентно и недомаќински ги троши за да богати субјекти блиски до партијата или нивните функционери.