Како што дознава „Слободен печат“, Ахмети се сретнал со новоизбраниот градоначалник на Сарај Блерим Беџети во просториите на општината и од него побарал максимална мобилизација во неговата општина за кандидатурата на Шилегов, бидејќи во Сарај во втор круг ќе се гласа само за градоначалник на Град Скопје.
Ахмети, вели нашиот извор, се сретнал и со потпретседателот на партијата Изет Меџити од кого го побарал истото. Покрај заложбата за победата на Висар Ганиу во општина Чаир, тој побарал максимална заложба и за кандидатот на коалицискиот партнер за град Скопје.
Партиски извори велат дека Ахмети побарал и од партиските структури во Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров да се стават во движење за да се постигне победата на Шилегов.
Од друга страна, министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, јавно му даде лична и партиска поддршка на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, упатувајќи му благодарност што го води Скопје како мултикултурен град.
– Она што го сметаме за нешто многу важно е континуитетот на проектите и развојот на градот Скопје во целина, развој што го иницираше актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов. Сакам да нагласам дека во последните четири години Скопје се промени темелно. Скопје денес е град кој несомнено покажува дека се грижи еднакво за сите свои граѓани. Овие четири години видовме дека приоритет може да се даде на областите каде што мнозинството граѓани се Албанци. Во последните четири години видовме развој на урбани средини кои досега беа неправедно запоставени. Впрочем, во последните четири години видовме што значи да се изгради мултикултурен град, со почитување на јазичната разновидност, почитување на образованието за мајчин јазик и град во кој се гради довербата на сите граѓани – рече Османи.
Тој објасни дека неговиот повик да се гласа за Шилегов не е поради политички договори туку е прашање на вредности, заеднички вредности кои се гаранција за поубав и попрогресивен град.
Новинарот и аналитичар Насер Пајазити смета дека Ахмети може да обезбеди гласови за Шилегов во нејзините бастиони во Скопје, но многу зависи и од другите учесници на првиот круг во изборната трка.
– Знаејќи ги бастионите и машинеријата на ДУИ во Скопје, но и влијанието на Али Ахмети врз гласачкото тело во главниот град, калкулациите можат да бидат оптимистички за Петре Шилегов. Неговата победа не е само во рацете на ДУИ. ДУИ може да обезбеди гласови во своите бастиони, сепак многу зависи од коалициите и другите партии кои се натпреваруваа со нивните кандидати во првиот круг. Шансите на Шилегов да ја победи Арсовска, која веќе има предност, ќе зависи од обезбедување поддршка и мобилизација на други лојални партнери на СДСМ и активирање на неопределените – анализира Пајазити.
Политикологот Благојче Атанасоски за „Слободен печат“ вели дека интересно ќе биде да се следи дали Ахмети ќе даде „гас“ сите кои гласале за советничката листа на ДУИ во Скопје да излезат да гласат за Шилегов во вториот круг, или пак тоа ќе го калкулира со латентна поддршка од СДСМ во Тетово за победа на Теута Арифи.
– Од друга страна, под град Скопје има и многу јавни претпријатија, па ако изгуби Шилегов, ДУИ би останала и без своите кадри на локално ниво во Скопје. Така што, ќе биде голема непознаница како ќе се реши оваа сложена разврска, но ќе видиме на крајот како комбинаториките и математиките на четирите главни партии во градот Скопје (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и АА-Алтернатива) ќе го дадат финалниот резултат, односно кој ќе ја добие можеби најважната битка на овие локални избори – главниот град Скопје – вели Атанасоски.
Претходно, за време на изборната кампања за првиот круг од изборите, поддршка за Петре Шилегов побара и самиот лидер на ДУИ, Али Ахмети. Според него, Петре Шилегов во изминатите четири години покажал дека нема предрасуди и не е оптоварен со етнички стереотипи.
Инаку, во општина Сарај, кандидатот на ДУИ Блерим Беџети победи во првиот круг од изборите со 73,10 отсто или 10.790 од гласовите, додека кандидатот за град Скопје Петре Шилегов имаше 8.450 гласови. Во Чаир, кандидатот на ДУИ имаше 13.020 гласа, додека Петре Шилегов имаше 12.631, во општина Бутел кандидатот на СДСМ Велимир Смилевски имаше 6.831 глас, додека Шилегов 6.493 гласа.