Демократската унија за интеграција вечер со почеток во 19 часот во спортската сала „Шабан Трстена“ во Општина Чаир ќе одржи митинг со граѓаните.
Како што е најавено од ДУИ, на митингот ќе присуствува и претседателот на партијата Али Ахмети.
Ова е прв голем митинг на кој ќе се обрати Ахмети, откако двете „завојувани“ страни на ДУИ половина година оддржуваат паралелни собири.
Првиот вицепремиер Артан Груби, кон кого е насочен гневот на „огнените“, митингот и обраќањето на Ахмети го најави како спектакл. Груби, од вчера на Фејсбук се обидува да искреира спектакуларна атмосфера по повод обраќањето на Ахмети во Чаир.
-Ми недостигаше ваква мобилизација и еуфорија каква што се создава кога се очекува да дојде националниот лидер Али Ахмети во Скопје! Ветувам невиден спектакл, особено за младите. Не пропуштајте го, зашто потоа ќе барате да слушнете од другите како беше да се биде дел од историскиот митинг од кој ќе се гради иднината, напиша Груби.
Пред три недели во Чаир митинг одржа и фракцијата во партијата „Огнената група“ на кој беа критикувани министрите на ДУИ, а особено Груби.
Судирот во ДУИ се заостри особено откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тоа го толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава за слични чекори и кон другите „непослушни“ координатори.