„Работниците се државата“, под ова мото ССМ ќе протестира во понеделник против дискриминирачките политики на владата. Во ист ден протест најави и Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија со истиот мотив. Од друга страна, Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија ќе ги поддржи двата протеста.
Ристески истакна дека протестите на 1-ви Мај би требало да бидат заеднички, но бидејќи такво нешто не се случи, тие ќе бидат присутни и на двата протеста. Анкетиравме неколку граѓани. Тие велат не најмалку е важно кој ги организира протестите.
„Упатуваме апел до работниците да не празнуваат! Први мај не е ден кој се празнува, туку е денот кога пред 137 години работниците излегле на протест во Чикаго за да добијат 8 часовен работен ден. Тоа е под напад од страна на оваа влада и пратениците во собранието и треба да не обедини сите заедно. Ако не се доволни причини работниците да излезат кога функционерите добиваат 78% покачени плати, укинување на недела неработен ден и воведување 60 часовна работна недела, тогаш што е?“ – Слободан Трендафилов, ССМ
На улица излегува и КСС. Потсетуваат дека не им се заборавени ланските ветувања и велат дека не е фер државата за едни да биде мајка, а за други маќеа.
„Лани при покачувањето на минималната плата, на нашите протести излегоа министрите и кажаа да почекаме до септември за да се усогласат платите затоа што имало рок од 6 месеци. Наеднаш во септември прогласија дека тие одредби од законот не важат, но важат нивните одредби за 78% покачување на нивните плати што не е фер. Затоа нашето мото е На скара пред влада, ќебапче за работникот затоа што само толку ни остана од нашите плати за први мај, а бифтек за власта. Протестираме и против кршењето на законите и колективните договори.“ – Благоја Ралповски, КСС
Инаку од КССМ и ССМ велат дека првомајските протести се последица на неправдата и непочитувањето на работниците и нерамноправните услови за работа.