Две лица загинаа, а петмина се ранети утринава во руски ракетен напад врз градот Кривји Рих во централна Украина, соопшти Валентин Резниченко, шеф на воената регионална управа на областа Дњепропетровск.
Меѓу повредените има и две деца, кои се хоспитализирани.
Претходно денеска заменик-шефот на кабинетот на украинскиот претседател Кирило Тимошенко изјави дека во Криви Рих, родниот град на претседателот, била погодена станбена зграда и дека под урнатините може да има жртви.
Масовниот ракетен напад утринава врз Украина е последен во серијата руски напади од октомври со цел да ја уништат електричната мрежа на Украина. Ваквите удари предизвикаа низа прекини во снабдувањето со струја, вода и парно, што е особено опасно за цивилното население во студените зимски месеци.