-Деновиве и во нашата општина почна да расте бројот на новозаболени од Ковид-19. Секојдневно во нашата лабораторија се тестираат од 10 до 20 пациенти од кои барем половината се позитивни.Како резултат на зголемениот број на позитивни случаи е и двоцифрениот број на хоспитализирани пациенти во нашиот ковид- центар и изнесува 12 лица ,од кои повеќето се на кислородна подршка, додека во еден случај поради потешка здравствена состојба ќе биде транспортиран на скопските клиники. Засега сите инфицирани во нашата болница се со Делта вирусот, истакна Станко Трпески, директор на кичевската Општа болница.

И додека болните се лекуваат во ковид- центарот, во исто време во Здравствениот дом тече вакцинацијата против сезонски грип и против Ковид-19. Интересот на граѓаните за вакцинација за сезонски грип е голем, додека интересот за вакцинација против корона вирусот е нешто помал.

-Во изминатите четири недели во нашиот Здравствен дом со бесплатна вакцина против сезонски грип се вакцинирани околу 1 400 граѓани и се уште на располагање ни стојат 250 вакцини, кои сметаме дека до крајот на оваа календарска година ќе бидат целосно потрошени. Покрај со бесплатна вакцина, во Центарот за јавно здравје во Кичево се врши вакцинација со комерцијална вакцина со наплата од 800 денари, истакна Џабир Бајрами директор на Здравствениот дом и посочи дека интересот за трета вакцина не е задоволителен и во изминатите неколку месеци со трета вакцина се вакцинирале 1 850 граѓани а се работи за лица на постара возраст.