По 13 дена целосно е изгаснат пожарот на планината Серта. Во Центарот за управување со кризи утрово состанок одржа Управувачкиот комитет за состојбата со пожарите. Донесени се заклучоци и конкретни мерки за постапување на терен.
Заклучоци од состонокот на ЦУК
Реорганизација на целиот систем за заштита и справување во ЦУК како и 15 тони гориво резерви да бидат доделени на претпријатието Национални шуми.
Тошковски: Имаме двајца осомничени за предизвикување на пожари
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски раководеше со состанокот. Тој повторно потенцираше дека најголем причинител на пожари е човечкиот фактор, а МВР веќе има осомничено неколку лица кои подметнувале пожари.
Пожарите се предизвикани најчесто од човечки фактор. Досега имаме двајца осомничени за два конкретни кривично правни настани и се преземени соодветни процесни чекори од аспект на утврдување на вистината и процесирање до надлежни органи. Упатувам апел до македонските граѓани. Доколку има сомнежи дека има било какво незаконито делување навремено да информира, а полицијата навремено ќе одговори, вели Тошковски за состојбата со пожарите.
Ангелов: Целосно е изгаснат пожарот на Серта, но се заканува нов пожар кај Македонски Брод
Директорот на ЦУК информираше дека веќе две години алармирал за ваквите можни разврски, но досега не наишол на слух од властите. Што се однесува до пожарот на планината Серта, Ангелов информираше дека целосно е изгаснат, но дека се заканува нов пожар во близина на Македонски Брод. Конкретно пожар се заканува кон националниот парк Јасен.
Ангелов повторно потенцираше дека треба реорганизација на институциите, има проблеми со плати и со превработеност. Тој даде идеја да има и посебна единица која ќе се справува со пожари, но и со сите останати предизвици со кои се соочува ЦУК.
Економската штета конкретно на планината Серта можеби не е голема, но поголема е економската штета на ресурсите. Најголем проблем е еколошката штета на планината Серта, рече Стојанче Ангелов.
Активни седум пожари, четири под целосна контрола
Што се однесува до моменталната систуација на територијата на цела држава активни се седум пожари на отворен простор. Под целосна контрола се четири. Од ЦУК информираа дека се изгаснати 16 пожари меѓу кои и најкритичниот на планината Серта.