Две нови авиолинии од Скопје – летови до Алгеро и Палермо

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, информира дека од Меѓународниот аеродром Скопје се воведуваат две нови авиолинии. Во објава на Фејсбук тој посочи дека станува збор за позитивна вест за сите граѓани кои планираат патување, но и за странските посетители кои сакаат да ја откријат Македонија.

Летови од јули кон Италија

Од 18 јули ќе се воспостави авиолинија од Скопје до Алгеро, на островот Сардинија во Италија. Три дена претходно, односно од 15 јули, ќе започнат и летовите кон Палермо, исто така во Италија. Двете дестинации ќе бидат оперирани од авиокомпанијата Wizz Air.

Рекордна година и нов авион

Со воведувањето на новите линии се очекува дополнително зголемување на авиосообраќајот на скопскиот аеродром, кој во 2025 година забележа рекорд со над 3,2 милиони патници. Со новите дестинации, аеродромот се позиционира како регионален лидер. Најавено е и зголемување на фреквенцијата на летови на постојните линии, како и ставање во функција на нов авион од најновата генерација „Ербас А321 Нео“.

Како што посочува Николоски, станува збор за сезонски линии за кои не се предвидени субвенции. Според него тоа претставува дополнителен квалитет и потврда за растечкиот комерцијален интерес за скопскиот аеродром.