Дали скопскиот или струшкиот суд ќе одлучува за обвинението на градоначалникот Рамиз Мерко?

Кривичниот суд треба да се произнесе дали е надлежен за предметот за злоупотреби со набавката на „аудито“ и трите „шкоди“ за Општина Струга. Според обвинението, струшкиот градоначалник Мерко одговара дека ги пречекорил своите службени овластувања, со намера за друг да прибави имотна корист, пренесува Телма.

„Без претходно одобрување на Годишниот план за јавни набавки од страна на Советот на Општина Струга и без конкретната јавна набавка да биде предвидена во Одлуката за извршување на Буџетот на општината за 2018 година, спротивно на начелата на законитост и интегритет, како и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, набавил четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, со што прибавил имотна корист за носителот на јавната набавка и го оштетил Буџетот“, изјавија од Јавното обвинителство.

Измените на Кривичниот Законик во корист на Рамиз Мерко?

А токму измените на Кривичниот законик (КЗ) го изместија од шините овој предмет. Истрагата се водеше по одредбата за злоупотреба при јавни набавки, но откако овој став беше избршан со законските измени обвинението е поднесено под друг став кој не е во надлежност на организиран криминал, туку основно обвинителство. Доколку Кривичен одлучи дека не е надлежен, следна адреса на овој предмет е струшкиот суд.

Со измените со кои во септември драстично се намалија казните за делото „злоупотреба на службената положба“ застреа дел од предметите против Мерко кои со години се во обвинителството.

Коцевски бил дел од работната група која летоска подготвуваше извештај за сите предмети на Мерко, а неговото обвинителско досие се актуелизираше во јавноста откако САД го ставија на црна листа поради корупција и мешање во судски процеси.

Кој сѐ се наоѓа на американската црна листа?

Покрај Мерко на американската црна листа се и бизнисмените Орце Камчев, Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко, екс функционерите Никола Груевски и Сашо Мијалков. Коцевски во „Топ тема“ рече дека не знае зошто до сега не биле побарани докази за сите што се ставени на црна листа, но најави дека обвинителството тоа планира да го стори преку актуелниот закон за меѓународна правна помош и преку обвинителката за врски со европравда, Ленче Ристоска.

Обвинителството не било консултирано за законот за рестриктивни мерки кој сѐ уште не е донесен, а со него се воведуваат мерки и за лицата кои се наоѓаат на црната листа на САД.