Две собраниски седници ќе се одржат пред изборната кампања, откако народните избраници се вратија од летниот одмор
Народните избраници се вратија од летниот одмор. Пред почетокот на изборната кампања се очекува да се одржат две собраниски седници и повеќе состаноци на собраниските комисии. На 12 септември ќе биде разгледана и декларација за фер и демократски избори, брифираше собранискиот спикер Африм Гаши на прес-конференција.
Работата на пратениците денеска, на 25 август, се врати во редовен тек по летниот одмор, кој претходно беше прекинат на 16 август поради итна седница за измените на Изборниот законик по скратена постапка. Тогаш предложените измени не добија доволно гласови поради недостиг на Бадентерово мнозинство.
Според Гаши, по седницата на која не беа изгласани измените, засега нема иницијативи од партиите за преговори или дополнителни измени на Изборниот законик пред локалните избори.
Претседателот на Собранието Гаши на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври. До 29 септември се очекува да се одржуваат пленарни седници и состаноци на комисиите, бидејќи потоа започнува изборната кампања. Досега се закажани две собраниски седници – на 2 и на 12 септември, при што втората ќе вклучува и пратенички прашања.