Две вагон-цистерни со фосфорна киселина, денеска во 8:40 часот, се излизгаа од шините во градот Зајечар во источна Србија. Инцидентот се случил на четвртата пруга кај железничката станица „Зајечар“.
„За време на инцидентот цистерните не се оштетени, нема испарувања и нема опасност по животите на луѓето или животната средина“, соопштија од компанијата „Железничка инфраструктура на Србија“, а пренесе РТС.
За излетувањето од шините биле информирани претставниците на Противпожарната служба, а железничкиот сообраќај на овој дел од пругата не е во прекин.
Во Србија за краток период се случија неколку несреќи поврзани со превоз на опасни материи.
Во Суботица, на северот на Србија, на 24 јануари три вагон-цистерни со пропилен (гас што најчесто се користи како енергија за согорување или гориво) излетаа од шините.
Тогаш немаше истекување на пропилен и немаше опасност по луѓето, имотот и животната средина, а причините за лизгањето ги утврдува Железничката комисија, соопшти тогаш „Железничката инфраструктура на Србија“.
На 12 јануари во вечерните часови од цистерна во населбата Топола во Панчево имало истекување на раствор од амонијак.
Сопственикот и возачот на камионот-цистерна се уапсени под сомнение дека предизвикуваат општа опасност и ја оштетиле животната средина, а надлежните соопштија дека овој инцидент не предизвикал последици од опасна закана по здравјето и безбедноста на луѓето.
На крајот на декември четири од 20 вагон-цистерни што превезуваа амонијак излетаа од шините кај Пирот. По несреќата, повеќе од 50 лица беа хоспитализирани поради симптоми на труење. Еден ден по несреќата, министерот за транспорт Горан Весиќ изјави дека причината е лошата инфраструктура.