Без одговорите на овие фундаментални прашања, ние продолжуваме да живееме несвесно, стихијно, раководени од околностите, од ситуациите што рефлексивно ги креираме со нашата потсвест, од само навидум надворешниот сјај на умот и на рационалното. Еднаш во животот, доколку сакаме да живееме живот достоен за свесниот човек, ние ќе мора да заземеме цврст став во што и во кого ќе веруваме без зрно сомнеж.
Постојат само две разрешници на овие фундаменти што ги наоѓаме секогаш самите во себе – ќе тргнеме по патот на Бога, или по патот на демонот, Достоевски е исклучив во тврдењето дека трет пат нема.
Достоевски во целиот тој процес на конечната разрешница е нашиот најголем учител и најголем мачител.
Тој не ни кажува во што да веруваме, ниту каква одлука да донесеме, туку ни ги кажува последиците од она во што веруваме. Тој на дланка ни ја става мрачната страна на нашата душа, во борбата на вечните противречности и прашањето има ли Бог во овој несовршен свет. Без да го познаваме Достоевски, немаме суштинска разрешница на нашиот живот.
Не, Достоевски не ни нуди готови одговори, тој нема да одлучи наместо нас, тој не раскажува, тој не покажува по кој пат треба да тргнеме, туку нас нѐ става во центарот на случувањата заедно со неговите трагични херои, со нивни очи го гледаме каењето, или пак скаменетоста на срцето во злото од каде што нема враќање. Тој ни покажува точно од која точка не можеме веќе да се вратиме од пеколот на нашата душа. Отаде имаме два излеза – или да полудиме или да се убиеме.
Достоевски, тој е скриена вулканска ерупција, тој е човекот на самракот и на новата надеж истовремено. Тој е оној што ги носи божествената природа во својата душа и големиот бунт кон овој несовршен свет, сѐ до помирувањето на оваа дуалност во ликот на Христа. Лицето на Достоевски под оваа бунтовничка природа е прекрасно, неговиот статус во божествената номенклатура е многу повисок од реалниот. Неговото срце пее во ангелските хорови, а отаде тој ја раскажува вистината.
Тој го раскажа својот сон во престојот на волшебните светови, но кој би му верувал? Без да го понижат, навредат и исмеваат? Без да го наречат фантазер оние што се занимаваат само со ограниченостите на природните закони, а не со нивната причина – постоењето во духот.
Судбината на Достоевски, кој влезе во длабочините на вистината, е тој постојано да ги врзува противречностите.
Не, тој не може да се помири со ограниченостите, затоа што неговата душа е надвор од сите концепти и ги знае само бескрајностите на убавината и светлината, но и темнината од злото пеколно.
Помеѓу Достоевски, општеството и другите луѓе што се на понизок развој на свесноста, секогаш постои јаз со енормна длабочина, јаз помеѓу божественото на невидливите и видливите светови. За рационалистот, Бог е симбол за антагонизам, за уметникот Бог е древната вистина.
Уметникот на големите дела е инспириран во убавината и светлината на божественото. Ако некаде ги гледаме крајните граници на страдањето и амбисот, пеколот од злото од кое трепериме сѐ до утробата, страста и вистината за убавината во светлината во лирско небески чувства, тогаш тоа е во ликовите и делата на Достоевски.
Достоевски има многу тешка задача.
Тој создава ликови и херои во целата полиморфност во душата и умот и нивното вечно страдање заради таа борба. Достоевски ни покажа дека во таа борба на душата и умот, човекот е осамен, оддалечен од Бога, сам исто колку и костурот под земјата. Таму ги видовме човекот во чуда и покори, бедата на моќниците, злосторството и злото во слободата како отсуство на Бога и збунетоста на науката и природните науки.
Достоевски сонува еден ист сон. Тој како да вели, сонував еден сон, се случи бродолом. Страдав многу, но не од злото што го наполни светот што беше нов за мене, туку од моите чувства во допирот со тоа зло. Секој контакт со луѓето ме фрлаше во очаен и ужасен страв. Го стегаше моето срце, ја вознемируваше мојата душа, ги труеше мојот ден и мојата ноќ. Во сонот се прашував зошто сѐ што е духовно и креативно во овој свет е толку немоќно? Овој свет е царството на материјата и анималниот живот без смисла и цел, со уверувањето дека смртта е круната на животот!
Соништата на Достоевски ние денес интензивно ги живееме, неговите постулати на љубовта длабоко ги чувствуваме како божја присутност, истовремено гледајќи ги крајните злосторства во светот. Но тој вели да избереме пат, од тој избор зависи нашата судбина. Затоа и неговата величина е неизмерлива во времето.