Како што соопшти МОН, отворајќи го првиот ваков саем во земјава, министерката за образование и наука Мила Царовска во видеообраќањето рече дека очекува тој да стане традиционален и секоја следна генерација деветоодделенци поедноставно да направи правилен избор за иднината.

– Изборот на образование е важна животна одлука, што може да биде исправна само доколку ученикот ја донесе согласно личните убедувања и афинитети, но и врз основа на добра информираност за перспективата која ја овозможува. На прво место е можноста за работа и солидна заработка. А тоа е најизвесно со стручно образование, кое во последно време го добива вистинскиот сјај, се модернизира и станува тренд меѓу младите, нагласи Царовска.

Министерката посочи дека учениците на саемот може прецизно да се информираат каде и што ќе можат да работат по завршувањето на секој од профилите на средното стручно образование. Ќе ги запознаат и  можностите за стипендии што Министерството за образование и наука ги овозможува како континуирана стимулација за време на едукацијата.

МОН во соопштението наведува дека крупните промени што ги прави во средното стручно образование, посебно во делот на јакнење на концептот на дуално образование, се темелат на реалните потреби на стопанството за вработување квалитетен стручен кадар.

– Тоа им овозможува на учениците дел од образованието да го поминуваат во компаниите вклучени во дуалното образование, во реален производствен процес. Со тоа, младите луѓе се подготвени не само за вработување веднаш по завршување на средното училиште, туку добиваат и подобра стартна позиција за запишување на техничките факултети, посочува МОН.

Дигиталниот саем го организира проектот „Образование за вработување во Македонија“ и Македонскиот центар за граѓанско образование, со поддршка од Министерството за образование и наука и Амбасадата на Швајцарија.