– Ова од причина што, покрај правото на употреба на јазикот, треба да се води сметка и за тоа што значи чување, промоција и развој на стандардниот, чист, коректен јазик што ќе биде пример и патоказ за сите оние што на овој или на оној начин допираат до пошироката јавност, имаат влијание врз растот и развојот на новите генерации и најбитното, за олеснување на работата на институциите, преведувачите во институциите и зголемувањето на вредноста на јазикот. Јазикот е жива материја, постојано под влијание на тековите, различните влијанија и затоа треба да се прилагоди, да се модернизира меѓутоа, не и да се претера затоа што, ништо не може да се спореди и да звучи поубаво од чистиот, стандарден а сепак, изворен јазик, рече Џафери во обраќањето.

Тој вели дека водењето сметка за начинот на комуникација е уште попотребно сега во овој период кога светот се наоѓа во вонредна ситуација и многу од комуникациите се одвиваат онлајн.

– Сега веќе подолг временски период, целиот свет се наоѓа во вонредна ситуација на здравствен ризик, каде здравствените, економските системи и се разбира најзасегнатите, граѓаните, се соочуваат со економски, здравствени и не само со такви предизвици. Всушност, страда целиот начин на живот и функционирање на едно општество. Учење онлајн, предавања онлајн, концерти, театарски претстави онлајн. Ова, уште повеќе ја зголемува потребата од водење сметка за начинот на комуникација, на појавата и јавното претставување затоа што јазикот треба секогаш да се користи убаво и точно и, короната воопшто не ја намалува неговата вредност. Напротив, со колкава одговорност се грижиме за него, толку поголема вредност ќе имаме во очите на нашите сограѓани, во очите на новите генерации, рече Џафери.

Ова, додаде тој, ќе биде во полза на отстранувањето на предрасудите, и во контекст на предностите што ги нуди едно мултиетничко и повеќејазично општество.

– Да се научиме да се слушаме едни со други, да се научиме да имаме почит едни кон други и кон сета таа целина што го прави еден поединец посебен, неговата етничка припадност, јазикот што го говори, верата на која и припаѓа, социјалниот слој од кој доаѓа, економската состојба, полот, професијата и низа други карактеристики. Ова е најдобриот начин за градење на развиени и напредни општества, современи, европски општества со признаени меѓународни вредности и стандарди кои имаат почит кон основните начела на Универзалната декларација за правата на човекот и Европската конвенција за правата на човекот, истакна во обраќањето претседателот на Собранието.

Џафери потсети дека институцијата чиј прв човек е тиј, е првата институција во која почна да се прави превод на материјалите што се доставуваа до институцијата, што се изготвуваа во Собрание и се доставуваа до пратениците и службата на два јазика.

Собранието, рече, исто така, беше првата институција каде се вршеше консекутивно и симултано толкување на говорниците на седниците на работните тела и на пленарните седници.

– Иако почетокот беше многу тежок, затоа што исклучително малиот број на преведувачи без претходна подготовка во областа што требаше да ја покриваат, скромното опремување со речници и немањето обуки во делот на преведување и толкување не беше во нивна полза, повторно, можам да кажам дека со одминување на времето, со стекнувањето на искуство и збогатувањето на софтверот за преведување, се профилираа преведувачи кои успешно одговараат на секојдневните предизвици во Собранието, рече претседателот на Парламентот во обраќањето на Обуката за превод и толкување, организирана од Агенцијата за примена на јазикот на РСМ.