Во упатената честитка до сите наши сограѓани, припадници на турската заедница, Џафери им го честита празникот со кој, како што нагласи во обраќањето по овој повод, и институционално, и како граѓани на Република Македонија, изразуваме почит кон културата, идентитетот и посебноста на турската заедница, која е неделив дел од општественото ткиво на Република Македонија
Тој лично и од име на пратениците во Собранието на Република Македонија, го поздрави високопочитуваниот Претседател на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп и членовите на Делегацијата, и им посакам добредојде во Република Македонија.
Според претседателот на Собранието Џафери, тоа што денеска заедно го одбележуваме 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Македонија е знак дека билатералните односи меѓу нашите две земји се негуваат долго и искрено, во духот на меѓусебна почит, разбирање, партнерство и активна соработка во бројни полиња од заемен интерес.
– Ова е празник кој се чествува со посебен акцент на образованието, творењето и негувањето на турскиот јазик кои се најдобра храна за душата и умот на еден народ, затоа што во земја во која живеат припадници на повеќе различни етнички заедници, суштинско е овозможувањето на творење, функционирање и употребување на мајчиниот јазик на секоја заедница, за да се воспостават односи на искрена почит, доверба и лојалност кон државата, меѓутоа и да се придонесе кон подобро запознавање на различностите кои не прават уникатни, рече во обраќањето Џафери по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Северна Македонија.
Несомнено дека турскиот јазик, култура и обичаи се толку одомаќени и се дел од сите култури, обичаи и јазици кои постојат и се активни во нашата земја, подвлече тој, што не ги ни чувствуваме како далечни и непознати, туку само ја збогатуваат сликата уште повеќе.
– Без разлика колку е тоа парче од мозаикот големо или мало, нека е и најмалото, сепак е значајно колку и најголемото затоа што, доколку не би постоело, сликата не би била комплетна. А Република Северна Македонија е земја богата со мноштво од култури, јазици, религии и сите придружни елементи кои претставуваат идентитет и посебност на секоја заедница поодделно и се нејзин заштитен знак, а практикувањето на истите, уживањето на тие права и слободи во сета нивна убавина во заедништво, е најавтентичниот индикатор на степенот на демократска зрелост на општеството, на високо изградена граѓанска свест и што е најважно, доследно почитување на прифатените и ратификувани универзални права и слободи на човекот на глобално ниво, наведе претседателот на Собранието.
Како претседател на законодавниот дом на Република Македонија, потенцира дека е безрезервно посветен на парламентарната дипломатија, на воспоставувањето парламентарни односи и соработка таму каде што нема, кон заживување таму каде што се веќе воспоставени меѓутоа немаат некој значителен интензитет и кон продлабочување и издигнување на уште повисоко ниво таму каде што тие односи и соработка се на одлично ниво, како што се со огромна сигурност ќе кажам, рече, помеѓу Собранието на Република Македонија и Големото национално собрание на Република Турција.
Соработката, покрај на билатерално ниво, оцени Џафери, се одвива и на мултилатерално ниво, во рамки на меѓународните парламентарни собранија каде што се членки двата законодавни дома и каде што Делегациите на Собранието на Република Македонија редовно ги поддржуваат кандидатурите на турските пратеници за членови на извршните тела на тие собранија. Нашето партнерство, покрај во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, сега е проширено и со нашето членство во НАТО и во ПАБСЕК каде заедно придонесуваме во градење на мир и благосостојба во светот.
Денешното заедничко одбележување е уште една потврда за взаемната желба за интензивирање на соработката и взаемните посети на највисоко државно ниво, убедени, исткна Џафери, дека тие ќе резултираат со позитивни и корисни олеснувања на одвивањето на политичката, економската и секоја друга соработка меѓу нашите две држави.
– Со задоволство ќе констатирам дека за пријателските и роднинските односи помеѓу обичните граѓани на двете земји, не треба ништо да се додаде, односно, врските се толку силни, историски, традиционални и топли, што можат да послужат за пример за сите држави во регионот, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Тој нагласи дека Република Македонија е силно посветена на евроатланската интеграција на земјата во Европската унија, без оглед на бројните препреки што се испречуваат на тој пат.
– Исто така и на промоцијата и споделувањето на заедничките вредности и одговорности на НАТО, и ние високо ја вреднуваме успешната соработка со Република Турција во НАТО, сега веќе како две рамноправни членки. Како сојузници во Алијансата, поврзани сме со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка. А можностите за взаемна поддршка и соработка се бескрајни, кога се работи за традиционално искрени и добри пријателства засновани на вистински вредности и чиј мост на поврзување се граѓаните од двете земји. Таквите релации можат да одат само во нагорна линија, секогаш посилни и се разбира, во полза на граѓаните. Под поимот пријател, мислам на пријател и во добро и во зло. Подадената рака на турскиот народ секогаш ги допира нашите срца. Тоа го прави и во ова тешко време на пандемија кога човештвото е исправено пред глобалниот здравствен и економски ризик, рече Џафери.
Изрази благодарност за присуството на Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп и членовите на Делегацијата, за соработката, поддршктаа и помошта во секој сегмент од нашето опстојување како држава, а изрази и почит кон ТИКА и Фондацијата МААРИФ.