Драматичниот ден во Собранието заврши со неуспешниот обид на опозицијата да ја урне владата. Отсуството на пратеникот Кастриот Реџепи беше пресудно иницијативата за гласање на доверба на Владата да пропадне.
Претседателот на Собранието Талат Џафери се врати во Собранието за да ја затвори седницата на која требаше да се гласа за доверба на Владата, откако пратениците од опозицијата одлучија да го напуштат законодавниот дом.

– Дневниот ред не е изгласан. Поради фактот што не може да се отвори дебата, според деловникот околу иницијативата за гласање на доверба на Владата, имајќи предвид дека надминува времето, во ваква ситуација не ни останува ништо освен да констатираме дека на Владата не и е изгласана иницијативата за доверба на Влада. Владата продолжува да работи во полниот состав. Констатирам дека седницата е завршена, рече Џафери.

На затворањето на седницата вечерва беа присутни само неколку владини министри и премиерот Зоран Заев, кои по затворањето на седницата си честитаа преживување на владата.