Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, која престојува во дводневна официјална посета на земјава.
На средбата присуствуваа потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и претседателот на пратеничката група за соработка со Собранието на Косово, Африм Гаши.
Претседателот Талат Џафери упати честитки за визната либерализација со Европската унија, со која граѓаните на Косово ќе можат слободно да патуваат во земјите на ЕУ и оцени дека одлуката е од суштинско значење за интеграцијата на Косово во ЕУ. Тој изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово на сите полиња и големиот интензитет на меѓусебни средби на високо политичко ниво. Пријателските односи се пресликани и во плодната и фреквентна соработка на парламентите во двете држави, меѓу претседателите на двата законодавни дома, комисиите и групите за пријателство и соработка.
Џафери нагласи дека принципиелно ги подржуваме евро-атлантските аспирации на Република Косово и подготвени сме да ги пренесеме стекнатите знаења и искуства на тој план. Истакнувајќи дека двете земји се активни учеснички во Берлинскиот процес, тој информираше дека Собранието на Република Северна Македонија ги ратификуваше трите договори за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации меѓу земјите од регионот.
Џафери го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија и нагласи дека како претседавачи со ОБСЕ, сме подготвени да ја помогнеме имплементацијата на одредени делови од договорот. Информираше дека земјава од 1 јули годинава ќе го преземе претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што на еднаква основа учествуваат сите земји од регионот.