Собранието денеска треба да ја одржи 74-тата седница на чиј дневен ред има 20 точки меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот за 2022 година, по скратена постапка. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја отвори седницата со 50 минути задоцнување, но таа не може да започне бидејќи во салата нема кворум. Џафери ги повика координаторите на пратеничките групи да обезбедат кворум за работа на пленарната седница. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ засега не присуствуваат на седницата.
Собранието синоќа работеше до три часот по полноќ, а по првата точка од дневниот ред на 73. седница беа пријавени дури 18 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, додека ноќта на седницата не присуствувале пратениците од мнозинството.
Во рамки на 74. седница закажана за денеска, освен извршувањето на Буџетот, пратениците треба да ги разгледаат и предлог законите за дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, за изменување на Законот за заштита на децата, и за дополнување на Законот за стоковните резерви, сите по скратена постапка
На дневниот ред се и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност, на Законот за Бирото за развој на образованието и на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата, трите по скратена постапка.