Како што се наведува во соопштението од собраниска прес-служба, тој изрази задоволство од остварувањето на оваа посета и покрај ограничувањата на здравствените протоколи за патување, како и благодарност за постојаната поддршка на Литванија на евроатланските и европските интеграции на Република Северна Македонија.

-Ја потенцираше стратешката важност на членството на нашата држава во НАТО за балканскиот регион што значително придонесува за регионалната и меѓународна стабилност. Претседателот ги информираше гостите за иницијативата „Мини шенген“ или Отворен Балкан која отвора нова страница во односите на трите соседни земји во регионот, односно Северна Македонија, Албанија и Србија со цел тоа здружување да овозможи слободен проток на луѓе, стоки, работна сила и капитал, иако, тоа секако не е алтернатива за ЕУ, се посочува во соопштението.

Ажубалис, како што се наведува, истакна дека, Литванија дава целосна поддршка на процесот на евроатланската и евроинтеграција на Северна Македонија, а на политиката на проширување гледа како на една од најуспешните политики на Унијата.

Во однос на блокадата на европскиот пат на Република Македонија од страна на Бугарија, рече дека нашата земја мора да истрае на европскиот пат и да има стратешко трпение, повикувајќи се притоа на сличните проблеми кои Литванија ги имала со Полска при формирањето на нивната држава.

Како што се посочува во соопштението, литванските пратеници искажаа интерес за нашата соработка со соседните земји и начинот како ги надминуваме предизвиците со своите соседи. Понудија поддршка во смисла на соработка на полето на одбраната и потребата од градење на воени капацитети во државата.

– Двајцата соговорници изразија надеж за создавање на услови за добивање датум за започнување на преговорите со Европската Унија, бидејќи процесот на европска интеграција претставува суштински катализатор на домашните реформи и доколку тоа не се случи за време на словенечкото претседателство, тоа секако ќе се случи со следното, француско претседавање со ЕУ, се наведува во соопштението од Собранието.