Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари работна посета на Република Албанија, при што, според предвидената агенда, се сретна со неговиот хомолог, односно, претседателката на Собранието на Република Албанија, Линдита Никола.

Ова е втора билатерална средба на двајцата претседатели, по средбата во Атина, што, како што се вели во соопштението од собраниската прес-служба, е неспорен доказ дека Македонија и соседна Албанија се две земји со искрени, интензивни и пријателски односи, без отворени прашања помеѓу себе.

-Фактот што сме две соседни земји кои се на истото патешествие на процесот на евроинтеграции, меѓутоа и на истото очекување на почетокот на првата меѓувладина конференција со Европската унија, што ќе го одбележи и формалниот почеток на преговорите за полноправно членство во европското семејство, е уште еден мотив и силен поттик за динамизирање и зајакнување на уште потесна соработка помеѓу нас, стои во соопштевието за средбата на Џафери и Никола.

Двајцата соговорници заеднички констатирале дека имаме многу што да научиме едни од други и многу што да споделуваме како искуство едни со други како земји и како институции.

-Спектарот на соработка е широк, почнувајќи од оној меѓу-парламентарниот, на ниво на претседатели, на работни тела и на Пратенички групи за соработка, меѓутоа, и на меѓу-владино ниво, културно, образовно, здравствено и она најатрактивното за граѓаните на двете земји, односно, туристичката соработка. Се разбира, доброто инфраструктурно поврзување е императив за забрзан напредок на оваа соработка а силните национални врски се секако најдобриот мост за олеснување на оваа соработка, се наведува во соопштението.