На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, присуствуваа и потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, Бејџан Иљас, претседател на Пратеничката група за соработка на Парламентот на Република Турција, Никола Мицевски, Игор Јанушев, Енес Ибрахим, Мерита Колчи-Коџаџику, Зеќир Рамчиловиќ и Хусни Исмаили, членови на Групата и Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието.
Џафери и Шентоп изразија задоволство од повторната средба која се совпаѓа со одбележувањето на 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик и која преставува потврда дека билатералните односи меѓу Македонија и Турција се одвиваат во духот на меѓусебно разбирање, блиско пријателство, партнерство и активна соработка во бројни полиња од заемен интерес. Џафери и Шентоп оценија дека одржувањето интензивна комуникација на високо ниво силно придонесува за унапредување на севкупните билатерални односи, а добрите и пријателски односи меѓу двете земји се пресликани и во плодната парламентарната соработка.
Претседателот на Собранието Џафери се осврна на успешната соработка меѓу Македонија и Турција во НАТО, сега веќе како две рамноправни членки. Тој изрази задоволство што договорната состојба меѓу Република Македонија и Република Турција, со 100 билатерални договори и документи ги опфаќа сите полиња на заеднички интерес. Џафери го нагласи интересот за натамошно унапредување на економската соработка и поттикнување на турски инвестиции во земјава и оцени дека соработката меѓу Македонија и Турција во полето на одбраната, внатрешните работи, културата, здравството, туризмот, трудот и социјалната политика е мошне успешна и ја карактеризира позитивен тренд и континуитет.
Во однос на пандемијата со КОВИД-19, Џафери изрази задоволство што Турција ја потенцира потребата за меѓународната соработка и глобална солидарност, истовремо изразувајќи благодарност за турските донации кои беа од голема полза за земјава во справување со пандемијата.
Шентоп истакна дека Република Турција ја подржува Република Македонија на сите полиња и изрази задоволство што економските односи меѓу двете земји се развиваат по нагорна линија, со зголемување на трговската размена од 46 отсто. Тој нагласи дека Турција останува силен поддржувач на интегрирањето на Република Македонија во Европската Унија и оцени дека билатералните прашања не треба да преставуваат пречка за членството во мултилатералните организации.
Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција изрази надеж дека несоглувањата со Бугарија ќе бидат надминати во најскоро време и Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ. Шентоп истакна дека турската заедница во Република Македонија е од големо значење за Република Турција, која обрнува особено внимание на доброто образование на турски јазик во земјава.
Џафери и Шентоп разменија информации за актуелните состојби во двете земји и изразија уверување дека долгогодишното партнерство и позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката во повеќе сфери од заемен интерес и натаму ќе се унапредува. Истовремено, тие се заложија за натамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Големото национално собрание на Република Турција.