Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на средба со новинарите последна за оваа година не кажа кога ќе почне постапката за уставни измени, потенцирајќи дека тој како претседател на матичната комисија е подготвен веднаш штом до него дојде предлог да ја почне оваа постапка. За евентуални предвремени избори напролет во корист на уставни измени, Џафери смета дека треба да се види интересот на процесот.
Џафери не одговори кога ќе почне постапката за уставните измени и вели дека немало потреба од директна средба претседател на Собрание – премиер да разговараат по прашање за кое јавно се произнел и премиерот и другите чинители дека во моментов се нема соодветно мнозинство, дека се разговара со сите.
-И во моментот кога ќе сметаат дека имаат услови да покренат иницијатива јас сум подготвен како претседател на Комисијата и на Собранието да постапувам согласно процедурата, откако ќе се добие иницијатива понатаму, истакна Џафери.
Не може да каже до каде се преговорите со пратениците за ова прашање бидејќи не ги води преговори со пратениците по ова прашање.
-Не е моја обврска да ги водам тие разговори со пратениците, рече Џафери.
За прашањето за предвремени избори за сметка на гласови за уставни измени, претседателот на Собранието смета дека првото вреднување на тоа треба да се прави од аспект дали е тоа во полза на процесот на државата кон ЕУ и дали е во полза на интересот на граѓаните „па макар тоа било пазарот“.
-Од мој контекст е она што е интересот на процесот. Интересот на процесот е да се случат измените, да се отвори патот и да си поработиме во определен временски рок да го исполниме она што треба да го исполниме што побргу да си станеме полноправна членка на ЕУ. Нам не ни треба друг пример, сопствениот пример членувањето во НАТО. Сите ги знаеме перцепциите пред и по членување во НАТО во контекст на геополитилчките случувања. Во тој контекст треба да ги имаме во предвид што побргу да го завршиме тој процес, мислам на сите нас и на државата и на граѓаните, вели Џафери.
Во Собранието денеска се одржува седница за пратенички прашања, а правата нова седница во 2023 година е закажана за 10 јануари, а ден претходно ќе се одржи редовната понеделничка средба на Џафери со координаторите на пратеничките групи.