На средбата Џафери истакна дека земјите во регионот делат заеднички погледи во однос на потребата од зачувување на мирот и стабилноста во регионот, преку градење на добрососедски односи и унапредување на регионалната соработка. Македонија и Црна Гора ги врзува традиционално пријателство како и добри политички, културни и економски врски.
Членството во НАТО и заедничката европска иднина на двете држави, дополнително ги зајакнуваат меѓусебните односи. Тој го поздрави напредокот на Црна Гора во процесот на интеграција во Европската Унија и ангажираноста на Владата на Црна Гора посветено да работи на ЕУ агендата. Во однос на интеграцијата на Македонија во ЕУ, тој укажа дека очекуваме отпочнување на пристапни преговори со Унијата.
Подвлече дека остануваме посветени на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година како добра основа за надминување на разликите. Претседателот Џафери изрази надеж дека во наредниот период ќе се интензивираат контактите и заеднички со рационален пристап ќе се успее да се врати довербата со што ќе се отворат вратите за почеток на пристапниот процес.
Претседателот на Собранието на Црна Гора, Алекса Бечиќ истакна дека односите меѓу двете држави се на високо ниво, со одржување на редовни политички консултации. Во однос на економската соработка изрази надеж дека ќе продолжат да се продлабочуваат регионалните односи како основа за поинтензивна економска соработка и пред се подобро инфраструктурно поврзување меѓу Македонија и Црна Гора.
Соговорниците разменија информации и искуства за процесот на унапредување на парламентарното работење како и подобрување на транспарентноста и одговорноста во двата парламенти со цел подобро спроведување на нивната надзорна и контролна улогата над владите, се наведува во соопштението од Собранието.