-Празничното обединување на семејствата, споделувањето на убавите зборови и благородните мисли, солидаризирањето со помалку среќните, било да се тие блиски или далечни, познати или непознати, нека ве исполнат со волшебниот мир и спокој што ги даваат празниците, напиша во честитка по повод Божиќ претседателот на Собранието Талат Џафери во лично име и од името на пратениците.
Ширењето на позитивните мисли на надеж, верба, меѓусебна почит и разбирање, хуманост, пожртвуваност и сплотеност, вели Џафери, се должност на секој од нас.
-Оваа година беше посебно тешка и тажна година за нашата земја, за нашите граѓани и јас се надевам дека никогаш повеќе нема да бидеме ставени пред такви предизвици како земја, како граѓани и како човечки суштества и упатувам апел до сите Вас почитувани, да бидеме уште поодговорни кон себе, кон сите околу нас и кон државата, заедно и сплотено да ја надминеме и пандемиската криза и сите други предизвици кои ни се испречуваат на патот. Упатувам искрени желби за добро здравје и оздравување на сите што беа засегнати од вирусот КОВИД-19, желби за семеен и душевен мир, благосостојба, личен и колективен напредок на секое поле од општественото живеење. Среќен празник!, напиша Џафери во честитката до православните верници.