Комисијата за заразни болести, епидемиолошката состојба во државава ја оцени како подобрена. Меѓу другото, предлагаат факултетите каде наставата не се одвива со физичко присуство туку онлајн, да се насочат кон физичко присуство и повторно да биде поткрепена со вакцинирање кај студентите и кај наставниот кадар.
Проректорот за настава на Универзитетот ,,Гоце Делчев“ во Штип, Мишко Џидров вели дека како автономен орган Универзитетот веќе ја организирал наставата со комбиниран модел, онаму каде групите се помали со физичко присуство а каде има поголем број на студенти, наставата се одвива онлајн.
Засега е ризично студентите да се врата во предавалните, а дополнително ќе се создаде и проблем со самото пристигнување на студентите на факултетите, нивниот транспорт во автобуси, сместување, дружење. Универзитетот нема надлежност да ги конторлира студентите дали тие ги почитуваат мерките надвор од кампусот.
Дополнителен проблем за следење на наставата со физичко присуство е и добиениот резултат од анонимната анкета која ја спровеле на УГД, а покажува дека само 40 проценти од студентите се вакцинирани, додава Џидров.
Како автономни единици Универзитетите треба сами да одлучат кој модел и како ќе ја организираат наставата согласно ковид протоколите во време на светска пандемија.

Лидер: Дали Штипскиот Универзитет е подготвен комплетно да ја врати наставата со физичко присуство, има ли услови УГД за тоа?

-Тоа сепак е препорака која ја дава Комисијата за заразни болести, која треба институционално да се испоцесуира и да стигне до нас како автономен орган кој сам носи одлуки. Ние во текот на празниците размислувавме како ќе ја организираме наставата во овој семестар и моментално е донесена одлука, сите оние големи групи бидат онлајн. Затоа што сепак на Медицински факултет имаме групи и по 200, по 300 студенти кои слушаат предавање. Тоа е премногу ризично за да се вратат во предавални.
А сите други факултети со помали групи веќе ќе може да се ограгизираат во текот на семестарот да се вратат, ако не 100 % со сите предавања, тогаш да се огранизираат неколку предавања во овој семестар да ги следат со физичко присуство.
Некако флексибилно ставивме сите факултети сами да донесат одлука во однос на големината на групите. Но препорака е големите групи да бидат онлајн.
Во однос на вакцинирани студенти, минатата година самите изразија волја да се вакцинираат, беа во Центарот за јавно здравје, си договорија термини и почнаа да се вакцинираат организирани од Студентскиот Парламент. Потоа ние направивме една анонимна онлајн анкета, а резултатите поажаа дека 40 проценти од студентите се вакцинирани. Сметаме дека тој број не е многу голем, знаејќи дека професорите се речиси сите вакцинирани, тој број не е доволен но се надеваме дека наредниот семестар ќе може сите да се вратиме во предавалните, според правилата и протоколите.

Лидер: Семтате ли дека онлајн наставата “произведува“квалитетен кадар. Може ли на пример со онлајн настава да излезе добар доктор онаму каде практичната настава е клучна ?

-Не. И сега се спроведува практичната настава според стоги протоколи, каде може да ја изведеме. Првичниот бран, првичните затварања беа поригорозни и не дозволуваа студентите да влезат во медицинските центри, во судници, во образование речиси цела година не можеа да влезат на практична настава. Но веќе се вратени и е организирано по сите болници каде што имаме простор, и тие имаат направено распореди и изведуваат практична настава. Значи не е онлајн.
Имавме ситуации во првичниот бран на короната да активностите се спроведуваат онлајн, но понатаму почнавме да ја организираме практичната настава во соработка со сите институции со физичко присуство.

Лидер: Ваш став е дека сега големите групи не можат да се вратат со физичко присуство.

-Ризично би било со големите групи, за малите групи не е проблоем. Сепак имаме големи амфитеатри, предавални каде што може да се следи на растојание. Тука јас би кажал дека проблем е патувањето на студентите, сместувањето нивно, дружењето, што пред и после предавања!?
Тоа се работи кои не ги контролира Универзитетот. Гледаме дека автобуси се движат со студенти, со патници, не се носат ниту маски ниту пак се се одржува физичката дистанца.Тоа е нешто што не е во наша надлежност, но сепак ние зависиме од тоа како ќе дојдат тие студенти , дали сигурно ќе дојдат, како ќе се вратат, дали ќе отидат на кафе после предавање па ќе се заразат. Така да тоа се фактори кои влијаат а немаме ние никакво влијание врз нив.