Неповолно е мислењето на ревизорите за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година за работењето на „АД МЕПСО“. Дополнително ревизорите заклучиле дека усогласеноста со законската регулатива не е доволна и нивното мислење е со резерва за воспоставените политики од страна на компанијата.

Трафостаниците кои требало да бидат во заедничка сопственост на „МЕПСО“ и на “ЕВН“ во издадените имотни листови стои дека се само во сопственост на „ЕВН“.

– Дополнително со извршениот увид во имотните листови ревизорите утврдиле дека за две трафостаници има хипотеха од 77 милиони евра, задолжување од ЕБОР, но хипотекарен должник е „ЕВН“ како носител на правото сопственик. Поради непотврдено право на сопственост на „МЕПСО“ одлуките во кои постои ризикот за отуѓување на парите над средствата кои се под хипотека се носат без негова согласност. Оваа состојба влијае врз висината на тарифата за пренос на електрична енергија, се забележува во извештајот на ДЗР.

Во најновиот извештај на ревизорите стои и дека во 2021 година, како резултат на енормното зголемување на цената на електричната енергија на европските берзи, недоволното производство на електрична енергија од домашните производители и недозволеното преземање на електричната енергија од електропреносниот систем од страна на Балансно одговорните страни (БОС), придонело побарувањата и приходите на АД МЕПСО Скопје остварени од трговците на електрична енергија (ЕЕ) – Балансно одговорни страни (БОС), по основ на надомест за отстапувањата/дебаланси за преземената ЕЕ од електропреносниот систем во 2021 година да изнесуваат 4.210.704.000 денари или 68,5 милиони евра, што претставува пет пати поголемо остварување во однос на 2020 година, кога истите изнесувале 841.792.000 денари или 13,7 милиони евра.

Имено, во услови на зголемување на цената на ЕЕ, дел од трговците – БОС континуирано ја намалувале набавката на ЕЕ од отворениот пазар и ја користеле балансната енергија на АД МЕПСО Скопје за снабдување на своите потрошувачи.

Ова предизвикало драстично зголемување на трошоците на АД МЕПСО Скопје кон европскиот електропреносен систем. Исклучително големи отстапувања/ дебаланси се направени во месец октомври 2021 година, поради што од страна на АД МЕПСО Скопје фактурирани и наплатени се 77,8 милиони kWh од производителот на ЕЕ – АД ЕСМ Скопје во вкупна вредност од 25 милиони евра без ДДВ.

Ова е резултат на тоа што АД ЕСМ Скопје не успеал да ги реализира планови за производство на ЕЕ, поради што е повлечена ЕЕ од системот на европската мрежа, со што за АД МЕПСО Скопје е создадена обврската кон европскиот електроенергетски преносен систем во иста вредност од 25 милиони евра.

Дополнителна причина која довела до настанатата состојба е воспоставениот начин на информирање за трговците – БОС, кои недозволеното презеле ЕЕ од електропреносниот систем, бидејќи податоците кои се добиваат од МЕМО ДООЕЛ, преку Електродистрибуција ДООЕЛ пристигнуваат по 45 до 60 дена задоцнување, поради што АД МЕПСО Скопје не е во можност да изврши брза интервенција и навремено преземање на мерки кон трговците – БОС, се вели во ревизорскиот извештај.