Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Исплатените средства од Државната изборна комисија за извршување на изборните дејствија за спроведување на локалните избори 2021 година“, со цел да се добие разумно уверување дали средства исплатени од ДИК за извршување на изборните дејствија за спроведување на локалните избори 2021 година, се во согласност со законската регулатива и интерните акти.
Ревизијата констатирала дека не е извршен избор на Генерален секретар, согласно член 30 став 1 од Изборниот законик, лице кое обезбедува ефикасно и ефективно раководење со Стручната служба, со сите административни службеници, обединување на работата на Стручната служба и поддршка на работата на претседателот и на ДИК.
Потоа, ДИК не поседува и не располага со сопствен магацински простор, за чување на набавена техничка опрема (4000 уреди за биометриска идентификација на гласачите) кои времено се сместени во ДОМ на АРМ во Скопје, простор кој не е доволен, соодветен и адекватен и не обезбедува сигурност и заштита за сместување на набавените уреди и опрема.
Не е пополнето работно место самостоен референт економ магационер, кој треба да раководи со магацинот на ДИК, да го чува изборниот материјал, да го одржува инвентарот на опремата и потрошниот материјал, што создава ризик од несоодветно ракување, одложување и чување на залихите на изборните материјали, што може да доведе до нивно трајно оштетување и неможност од нивно користење во наредните изборни процеси.
Исто така, утврдени се и одредени неусогласености и пропусти во спроведувањето на постапката за јавна набавка на услуга – изработка и печатење на доверлив изборен материјал и избирачки список за изборите за членови на советите на општините и советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, кои се однесуваат на набавка на стоки и услуги заради потребите на спроведувањето на локалните избори 2021 година, кои доведуваат до можно влијание врз конкуренцијата помеѓу економските оператори и цената која може да се постигне и тоа.
Со ревизијата констатирани се состојби кои создаваат ризик предвидените уреди за биометриска идентификација на гласачите во ДИК да не се испорачани согласно тендерската и техничката документација.
Во однос на критериумите кои ќе се применуваат при распределба на овие средства по одделните учесници во изборната кампања, утврдена е распределба на вкупните средства по претходен писмен договор на следниов начин.
-најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови;
-најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови;
-најмногу 7% од средствата може да искористат политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и
-најмногу 3% од средствата може да искористат политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати.
Со извршената анализа на примената на горенаведените одредби, ревизијата ги констатира следните состојби:
-распределбата на вкупните средства во износ од околу 323 милиони денари исплатени за платено политичко рекламирање според принципот 45%, 45%, 7% и 3%, не обезбедува објективни и разумни критериуми за распределба на јавните средства, давајќи значителна предност на најголемите парламентарни партии, притоа ограничувајќи ги можностите на останатите партии и независните кандидати да ги претстават своите програми на радиодифузерите, електронските и печатените медиуми и
-со пропишаниот начин на утврдување на дополнително 1 (едно) евро во денарска противвредност без пресметан ДДВ по запишан избирач на територијата на општината каде се одржува втор круг на гласање за локалните избори, отсуствува утврдување на јасни критериуми дали дополнителни средства за втор круг од локалните избори ќе се обезбедат од вкупно запишани избирачи на територијата на општините во кои се одржува втор круг на гласање, независно од тоа дали учесниците во изборниот процес настапуваат со свои кандидати во општините каде се одржува втор круг на гласање.