Повеќе од 250 доброволни пожарникари од противпожарните друштва низ Македонија се собраа на постројување во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром. Активноста беше организирана од Дирекцијата за заштита и спасување.

Проверка на бројноста и подготвеноста

Целта на постројувањето беше да се утврдат бројноста и степенот на подготвеност на доброволните пожарникари кои ќе бидат вклучени во Тимовите за брз одговор на ДЗС.

Тие ќе можат организирано да се ангажираат при справувањето со пожарите на отворен простор во текот на летната сезона.

Ангелов ги презентираше плановите за противпожарната сезона

Пред присутните се обрати директорот на ДЗС и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Тој ги претстави плановите и очекувањата за претстојната противпожарна сезона, како и новата организациска поставеност на доброволните противпожарни сили.

Новата поставеност треба да овозможи подобра координација, поефикасно командување и организирано вклучување на доброволните пожарникари во системот за заштита од пожари.

Разменети искуства и предлози

По завршувањето на постројувањето беше одржан и работен состанок.

Доброволните пожарникари разменија искуства и дадоа предлози за подобрување на функционирањето на системот за заштита и спасување во текот на летниот период.