ДЗС се засили со уште еден професионален пилот

Дирекцијата за заштита и спасување доби уште еден професионален пилот, а обезбедена е и согласност од Министерството за финансии за вработување на уште двајца пилоти за противпожарните „ер-трактори“. Ова го соопшти директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Искуство од военото воздухопловство

Во ДЗС се приклучува пензионираниот армиски полковник Роберт Малезански, воен пилот со богата кариера и искуство во управување и дејствување со различни типови летала. Тој летал со борбени авиони „галеб“, „супер галеб“, „миг 21“, „сухој 25“, како и со борбени хеликоптери „ми 17“ и „ми 24“, а има искуство и со различни видови спортски авиони.

Ново раководство во авио-одделението

Од ДЗС информираат дека Малезански во текот на својата армиска кариера извршувал повеќе високи должности, меѓу кои и командант на Воздухопловниот ВИНГ на Армијата, како и инструктор за летање и пробен пилот. По договор со директорот Ангелов, тој прифатил да ја прекине воената пензија и професионално да се вработи во ДЗС како раководител на авио-одделението, пилот и дел од најтесниот кабинет на директорот.

Со неговото ангажирање, ДЗС располага со вкупно пет пилоти – тројца професионално вработени во авио-одделението и двајца пензионирани пилоти ангажирани со договор на дело. Од Дирекцијата најавуваат дека огласот за новите вработувања ќе биде објавен дополнително.