Веднаш по скандалозната вест за пропаднатата еврообврзница во износ од 600 милиони евра, нова лоша вест за македонската економија. Европската банка за обнова и развој ја влошува прогнозата за растот на нашата економија.
Непосредно по откажувањето на еврообврзница тешка 600 милиони евра, нов негативен сигнал за стопанството и инвеститорите – Европската банка за обнова и развој го намали растот на македонската економија за 0,3 процентни поени.
Проценката за макадонскиот БДП за 2022 е намалена за 0,2, а за оваа година за 0,3% во однос на последниот извештај од септември минатата година, соопшти ЕБОР.
Според економските прогнози на Европската банка, проценките за Македонија се дека растот на БДП во 2022 година бил 2,5%, оваа година ќе точно 2%, во наредната точно 3%.
Згора на се, пропаднатата еврообврзница од 600 милиони евра, според „Фајненс тинк“ претставува ризик за условите под кои таа во иднина ќе биде издадена. Од друга страна, сосема е јасно дека јавниот долг и понатаму ќе се зголемува.
Во однос на јавниот долг, номинално тој ќе се големи за износот на буџетскиот дефицит, меѓутоа во релативен показател, како процент од БДП, неговото зголемување ќе биде компензирано од растот на номиналниот БДП, кој и оваа година ќе биде висок, со оглед дека моменталните очекувања се дека инфлацијата, врз основа на која се пресметува БДП дефлаторот, ќе се движи 7-8 проценти, објаснува Петрески.
Во Стратегијата за управување на јавниот долг, јасно пишува дека до 2026 година тој ќе надминува 60 отсто од БДП. Според Петрески, овој податок и е и не е загрижувачки.
Загрижувачки би било ако позајмените средства се потрошат за разно-разни субвенции, посебно за плати кои не се проследени со пораст на продуктивноста, што кога-тогаш ќе се одрази на цените, така што животниот стандард нема да е подобар, а долгот кој бил направен ќе си остане. Не е загрижувачка ако долгот се искористи за зголемување на конкурентноста и структурни реформи. На пример, ПЛЛ аранжманот со ММФ е условен од напредок на некои реформи, што значи дека тие средства според својот дизајн структурно треба да ја подобрат економијата. Овие позајмувања од приватен пазар се покритични, и ние години наназад укажуваме на тој ризик, чија најизразена манифестна форма беше трошењето 700 милиони евра за проектот Скопје 2014, кој не ја подобри економијата структурно, а парите беа потрошени, вели Петрески.
Какви последници ќе има земјава, откако пропадна еврообврзницата од 600 милиони евра, ќе се знае наскоро, кога повторно ќе се побара заем на меѓународниот пазар. Експертите се согласни дека овој потег го наруши угледот на Македонија во светските финасиски институции и отсега кредитите за нас ќе бидат поскапи. Министерството за финансии требаше да ја издаде деветтата еврообврзница и со собраните 600 милиони евра да ги плати долговите од стари еврообврзници.
Неуспешното издавање на еврообврзницата е поради тоа што екс министерот за правда Никола Тупанечвски не ставил потпис на потребното правно миселење. Сега, за да се одржи нова аукција, ќе се чека изборот на новиот министер за правда.