Украинскиот претседател Володимир Зеленски доби забрана да испрати видеопорака на финалето на Изборот за песна на Евровизија, чиј домаќин годинава во име на Украина е Велика Британија, пренесува „Јуроњуз“.
Зеленски изрази желба да сними видеопорака за натпреварувачите и за глобалната публика од 200 милиони луѓе за време на финалето на изборот, кое ќе се одржи в сабота во Ливерпул.
Организаторите на настанот велат дека постојат правила за да се задржи политиката надвор од натпреварот во пеење.
Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која го продуцира настанот, рече дека го одбила барањето на украинскиот претседател да ѝ се обрати на публиката иако ја забележала неговата „намера за пофалба“.
„Натпреварот за песна на Евровизија е меѓународно забавно шоу и е раководено од строги правила и принципи, кои се воспоставени од неговото создавање. Еден од темелите на натпреварот е неполитичката природа на настанот. Овој принцип ја забранува можноста за давање политички или слични изјави“, се вели во соопштението од ЕБУ.
Одлуката на ЕБУ наиде на критики во некои кругови, кои тврдат дека од морален аспект на Украина мора да ѝ се даде можност да зборува против руската агресија.
Видеопораките на Зеленски на популарни настани и претходно предизвикаа контроверзии. Така, група италијански политичари сметаа дека говорот на Зеленски при неговото обраќање на музичкиот фестивал во Сан Ремо бил премногу политички.