Едно лице загина, а најмалку четири други се повредени, од кои дел и потешко, во напад со нож во супермаркет во Милано, во северна Италија, наведуваат локалните медиуми.
Полицијата уапси 46-годишен Италијанец, кој е осомничен за нападот, јавува агенцијата ЛаПрес.
Нападот се случил во супермаркетот „Карфур“ во близина на Милано, на северот на Италија.
Едно од ранетите лица во супермаркетот починало на пат кон болница, јави Анса.
Меѓу повредените е и шпанскиот фудбалер Пабло Мари, кој е позајмен во клубот Монца од Арсенал, јавуваат агенциите.
Мотивот за нападот не е познат, а италијанските власти велат дека нема елементи што укажуваат на тероризам.
Би-би-си наведува дека Мари (29) му се приклучи на Арсенал од бразилскиот Фламенго во јануари 2020 година, а за клубот од Лондон одигра само 19 натпревари и моментално е на позајмица во италијанскиот клуб Монца.